Игор Есмеров, поранешен македонски амбасадор во Унгарија и исто така поранешен член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за „Локално“ даде свој коментар на информацијата која утринава проструи во јавноста врзана за листата која ја поседува Каракачанов на македонски граѓани кои имаат бугарско државјанство и се очекува да гласаат на тамошните парламентарни избори, а на која се најдоа високи функционери на опозициската ВМРО ДПМНЕ.
„Индивидуално право, но и не е спротивно на законите на државата да се поседува двојно државјанство. Поради тоа не гледам ништо спорно, ниту незаконски одредени лица да поседуваат двојни државјанства. Доколку оваа информација е вистинита, логично е да се очекува овие граѓани, но и сите останати државјани на Република Бугарија добро да размислат за кого ќе гласаат на предстојните парламентарни избори во таа држава, бидејќи имаат голема одговорност пред себе, а тоа е да изберат чесни и посветени политичари кои пред се би обезбедиле повеќе работни места, поголеми директни инвестиции и би останале посветени на европската идеја.
Исто така, мое лично очекување е токму овие граѓани да придонесат за подобрување на односите помеѓу двете држави и двата народа, бидејќи тие на некој начин представуваат најстабилен мост за зближување и соработка“, истакна Есмеров во својата изјава.