„Огромна АФЕРА со ВАКЦИНИ и обид да се земе ПРОВИЗИИ за истите. Афера од која паѓа и ќе падне Влада.
Што прави Заев? Повикува пријател. Се јавува кај Каракачанов да смислат нешто за ДЕФОКУС. Ама ОЧАЈНИ се не поминува“, вака реагира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, откако неговото име денес се најде на списокот на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, со Македонци кои имаат бугарски пасош.
Николовски наведува дека друго државјанство, освен македонско нема.
„Ама Заеви фирми во Бугарија ИМААТ! Ние се спротиставуваме на распродажбата на македонскиот јазик и историја, Заев не! Тоа е разликата! А за Каракачанов освен очај нема друг збор… Дали КРАЈОТ вака мириса…“, се огласи на Фејсбук, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај него, Антонио Милошоски, Никола Мицевски, Александар Пандов, Филип Петровски, Петар Богојески, се само дел од имињата кои на својот фејсбук профил ги објави Каракачанов. Тој ги повика да гласаат за неговата партија на претстојните парламентарни избори во Бугарија.
Каракачнов вели дека можеби имињата случајно се совпаднале со имињата на лица кои имаа високи политички и општествени позиции во Македонија.
„Меѓутоа, ако не е случајно и ако овие луѓе се оние на кои размислувам, се надевам дека и ова е во ред. Сакам да верувам дека повеќе не е кривично дело против „македонската чест“ ако македонски политичар, јавна личност или близок роднина на крв се изјасни слободно и како етнички Бугарин без да биде навреден, навреден или исмеван заради тоа“, напиша Каракачнов.
Демант стигна и од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ чиј кооординатор претходно на Фејсбук напиша дека ова е најголемата глупост што ја има прочитано во досегашната политичка кариера.