Филипче барал друг канал за побрзо да стигнат вакцините, а не поради провизии и корупција

од Vladimir Zorba
368 прегледи

Тоа што во светот има недостаток на вакцини, па Северна Македонија не е исклучок, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го користи во црната кампања против министерот за здравство, Венко Филипче, на штета на јавното здравје. Партијата на Христијан Мицкоски е во секојдневен обид преку ширење лажни вести да ја претстави владата како криминална, дека земала некакви провизии и дека во купувањето вакцини вклучувала фантомски фирми. Но, што е вистината?

Филипче успеја во изминатите два дена да ги пресретне сите пласирани лаги од ВМРО-ДПМНЕ во врска со вакцините по што стана јасно дека опозицијата сака да го компромитира, наруши и загрози процесот на имунизација, односно дека партијата сака политички да профитира, и тоа преку здравјето на граѓаните. Имено, министерот пред јавноста ги откри сите информации во врска со набавката на кинеските вакцини, по што е јасно дека немало ниту криминал, дека не се потрошил ниту денар повеќе од регуларната сума и дека е почитувана процедурата наложена од Владата на Кина.

Во врска со писмата со кои министерот комуницирал со производителот „Синофарм“ нема ништо спорно. Она што медиумот „Ла Верита“ од Италија го објавува дека е спорно што Филипче ја ослободил кинеската фирма од одговорност за последиците од вакцините, воопшто не е спорно. Тоа е воспоставена практика и произлегува од Програмата за имунизација – дека министерствата во државите кои ги купуваат вакцините ја преземаат одговорноста.

И второто, провизии и некаков финансиски криминал не постојат затоа што парите од авансот за кинеските вакцини се вратени кон Северна Македонија, но во тек е процедурата за купување на вакцините според правилата наложени од кинеското МНР. Претходно, во обид да ја забрза постапката за купување на 200.000 вакцини од Кина, владата ангажирала фирма посредник, но откако била предупредена дека купувањето не може да оди така двете страни се договориле да одат по вообичаениот пат. Со оглед дека и за овие вакцини Филипче бил свесен дека нема да може да стигнат подолго време, се обидел да најде побрз канал со цел да имаме вакцини час поскоро, а не со тоа да предизвика коруптивен случај, како што сака да прикаже опозицијата.

Ако нешто не може да се критикува во периодот на пандемија, но и на економска криза, тоа е транспарентноста на владата кон медиумите и кон граѓаните. Очигледно е дека купувањето вакцини оди тешко за голем број држави во светот, а голем дел од нив и посилни од Северна Македонија. Оттаму, внимателноста и регуларноста мора да се главни принципи на владата при набавката на вакцини, а опозицијата мора под итно да престане да ја користи здравствената криза за пласирање лаги и измислување случаи. Ако ВМРО ДПМНЕ се грижи за здравјето на граѓаните, како што сака да се претстави, тогаш треба да биде конструктивна и да помогне во процесот на имунизација, затоа што лажните вести нема да ги донесат вакцините и нема да го заштитат здравјето, напротив, само ги плашат граѓаните и го погазуваат трудот на здравствените работници.

Слични содржини