311
Во текот на последното деноноќие, во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 55 нови пациенти бидејќи имале компликации од Ковид 19, информираше Министерството за здравство, од каде велат и дека на инфективните оддели во главниот град се лекуваат вкупно 406 пациенти сомнителни и потврдени за Ковид-19 и голем дел од нив се на кислородна поддршка.
„Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 76 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка“, се вели во соопштението.
Инаку, поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворени се и ковид центрите на Клиниката на нефрологија, Клиниката за Гастроентерохепатологија, Клиниката за очни болести и ковид центарот на Клиниката за уво нос и грло.
Во изминатите 24 часа, на Интерните клиники имало 28 приеми, а вкупно се лекуваат 166 пациенти, а на домашно лекување се испратени 32 пациенти.