Италијанскиот регулатор на лекови во понеделникот објави дека употребата на вакцината против коронавирус на „АстраЗенека“ ќе биде привремено прекината како мерка на претпазливост.
Како причина беа наведени новите извештаи за луѓе кои развиле згрутчување во крвта откако биле вакцинирани со вакцината на „АстраЗенека“, пренесува АП.
Денес, Италија само ја прошири забраната за употреба на „АстраЗенека“ на целата нејзина територија „како мерка на претпазливост и привремено, сè додека ЕМА не излезе со ново мислење“.
До денес, оваа одлука се однесуваше само на италијанскиот северен регион Пиемонт. Употребата на „АстраЗенека“ беше прекината таму откако учител од градот Бјела почина по вакцинирањето.
Италијанската администрација за лекови Аифа соопшти дека новата мерка е донесена во согласност со слични мерки донесени од други европски земји.
Аифа забрани употреба на една серија вакцини на „АстраЗенека“ минатата недела, а одлуката беше донесена по смртта на двајца мажи на Сицилија.