Трудо: Сите вакцини во Канада се безбедни, па и онаа на „АстраЗенека“

од Stefanija Kuzmanovska
229 прегледи

Канадските здравствени експерти се сигурни дека сите вакцини против ковид-19 што се користат во таа земја се безбедни, вклучително и оние произведени од „АстраЗенека“, изјави денеска премиерот Џастин Трудо.

„Нашите здравствени експерти континуирано собираат податоци и нè уверуваат дека сите вакцини што се нудат во Канада се безбедни и ефикасни, вклучително и оние од АстраЗенека“, рече Трудо на прес-конференција во Монтреал, пренесува „Ројтерс“.

„Секако, ние гледаме што се случува со одредена серија во Европа. Можеме да ги увериме сите Канаѓани дека ниту една доза на АстраЗенека не потекнува од истата серија“, рече канадскиот премиер.

Канада ја одобри вакцината на „АстраЗенека“ минатиот месец и нарача 20 милиони дози. Отава обезбеди и дополнителни два милиони дози преку договор со Институтот за серум во Индија, кој ја произведува вакцината и очекува да ги добие до средината на мај.

Неколку европски земји ја суспендираа употребата на вакцината на „АстраЗенека“, по извештаите за влошено здравје кај некои луѓе кои ја примиле.

Слични содржини