„Сите противречности меѓу Бугарија и С. Македонија мора да се решат. Следните генерации нема да ни простат затоа што испуштивме една голема можност “, изјавил бугарскиот премиерот Бојко Борисов по средбата со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, јави БТА.
Борисов бил категоричен дека Скопје и Тирана не можат да бидат одложени на патот кон ЕУ, па затоа мора да се решат разликите меѓу Бугарија и Македонија. „Значи, вие и ние треба да се подготвиме за преговори за разум, а не за емоции, за да можат нашите соседи да бидат во ЕУ. Геостратешката цел на Бугарија е ова, прашање е да се најде политичката волја и на нас и на вас“, му рекол Борисов на Османи на состанокот, што се одржал на аеродромот во Софија.
Денешното случајно среќавање меѓу бугарскиот премиер и шефот на македонската дипломатија на софискиот аеродром, од кој и произлезе средбата, даде сигнали кои може да се толкуваат како обид за подобрување на релациите.
Османи, кој од софискиот аеродром замина за Швајцарија, потврди дека во моментот, фокусот е ставен на утврдување датум за одржување на седница на меѓувладината комисија.
„Би било добро таа комисија што порано да се одржи. Го договоривме акцискиот план, потребен е само извештај од Комисијата за историски прашања. Наш интерес е што поскоро да се сретне комисијата – да каже толку и толку е направено минатата година, толку ќе направиме следната година. Очекувам од ваша страна, но и од наша страна што поскоро да се усогласи терминот за тој состанок. Ако се врати довербата мислам дека полесно ќе можеме да разговараме за сите други прашања за кои имаме разлики.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.