Државните обвинители во 21 американска држава предводени од републиканци, поднесоа тужба против претседателот Џо Бајден во врска со откажувањето на проектот за изградба на гасоводот „Кистоун“.
Во тужбата се тврди дека извршната наредба на Бајден не наведува никакви законски или други овластувања кои му дозволуваат на претседателот да ја менува енергетската политика и се тврди дека претседателот нема моќ да го спроведе својот „амбициозен план“ за прекројување на економијата во спротивност на неподготвеноста на Конгресот да го стори тоа.
Тужбата е поднесена во Тексас и е поднесена од државните обвинители од Тексас, Монтана, Алабама, Аризона, Арканзас, Џорџија, Канзас, Кентаки, Индијана, Луизијана, Мисисипи, Мисури, Небраска, Северна Дакота, Охајо, Оклахома, Јужна Каролина, Јужна Дакота, Јута, Западна Вирџинија и Вајоминг, пренесува „Спутник Интернешнл“.
Многу од овие сојузни држави не се на трасата на предложениот гасовод, но во тужбата се тврди дека откажувањето од изградбата на „Кистоун“ ќе предизвика бран ефекти кои негативно влијаат на економијата и животната средина во земјите кои не се опфатени со проектот.
Во тужбата се цитираат и државниот секретар Ентони Блинкен, американскиот државен обвинител Мерик Гарланд и други клучни фигури од администрацијата на Бајден.
Во својата прва серија извршни наредби на денот на инаугурацијата, Бајден ја прекина изградбата на спорниот нафтовод, повикувајќи се на еколошки проблеми. Гасоводот би требало да пренесува нафта од Канада до рафинериите во Тексас.
Бајден го опиша потегот како дел од заедничките напори за борба против климатските промени.