Доколку се потребни нови рестрикции, ќе се продолжи полицискиот час и ќе се скрати работното време на кафеаните

од Nikola Popovski

„Не е исклучено Комисијата за заразни болести да предложи и дополнителни рестриктивни мерки против ширењето на болеста. Сепак тие мерки би биле во вид на зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти“, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој додаде дека очекува полицискиот час кој сега е на сила да даде резултат, а ако треба нова проценка ќе се прави на почетокот на следната недела.

„Денес имаме бројка на новозаболени под 1000, значи помалку во однос на вчера и очекуваме така да продолжи. Овие мерки го даваат резултатот во првите десет со четиринаесет дена, ќе ги анализираме податоците. Доколку е потребно, одлука ќе носиме в понеделник“, рече Филипче.

Воведувањето на дополнителни рестрикции, министерот Филипче рече дека зависи главно од динамиката на примање нови пациенти и слободните болнички кревети во ковид – центрите.

„Ги пренаменуваме веќе постојните оддели во клиниките оти тука е експертизата и се организираме по принципот на ротација“, објасни министерот Филипче.

Тој не ја исклучи можноста и ковид – центарот во поранешниот хотел „Ибис“ во Тафталиџе да се стави во функција, доколку се исполнат сите капацитети.

Слични содржини