Грција ќе започне да дели бесплатни домашни тестови за коронавирусот следниот месец, соопшти владата, со што се обидува да го „олабави“ здравствениот систем, оптоварен со голем број случаи на инфекција со вирусот.
Секој што има број на социјално осигурување ќе има право на четири тестови месечно, а истиот ќе се дели во аптеките.
„Тоа е нова алатка во борбата на државата против пандемијата. Овие тестови ќе овозможат подобар епидемиолошки преглед и, се разбира, превенција“, објави Кабинетот на премиерот.
Владата наведува дека домашните тестови покажале точност помеѓу 95 и 99 проценти.
Овие тестови се побрзи и полесни за извршување отколку таканаречените брзи тестови, за кои се потребни примероци од назал и плунка, наместо примерок од назофаринкс.
Луѓето кои ќе добијат позитивен резултат ќе бидат упатени како да пријават кај здравствените власти за следење на контактите.
Владата соопшти дека Грција е првата европска земја во која овие тестови ќе бидат толку лесно достапни и бесплатни.
Грција следните недели ќе укине некои ограничувачки мерки како дел од планот за постепено повторно отворање на економијата, иако грчките болници остануваат под голем притисок.
Во петокот, здравствените власти пријавија 2.785 нови случаи на коронавирус и 64 смртни случаи, со што вкупниот број на заболени достигна 233.079, а бројот на смртни случаи на 7.361.