Денеска е Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром кој оваа година се одбележува со повикот сите заедно да се посветиме на поврзувањето со овие лица, со овие наши сограѓани, и секој од нас да создаде услови лицата со Даунов синдром да бидат прифатени во општеството и да учествуваат во сите сфери во заедницата, врз еднакви основи како и за сите други, сподели премиерот Зоран Заев.
„Ова е особено важно во време на КОВИД-19, и затоа Владата и нејзините политики, како и нивното спроведување преку надлежните институции, е целосно посветена и во согласност со овие препораки на светско ниво, како меѓународно признаено универзално право на секоја личност.
Токму затоа, гордо и со исклучително задоволство тврдам, дека ги прифативме и со огромни чекори ги спроведуваме европските напредни практики и ја менуваме свеста преку мотивот- едно општество и исти права за сите.
Креиравме одржливи политики во основниот систем за поддршка и вклучување на лицата Даунов синдром и за лицата со други попречености во здравството, образованието и социјалната заштита кои предничат во регионот.
Ги зајакнавме стручните служби во училиштата кои работат со учениците со попреченост, како од аспект на обезбедување доволен број наставници, специјални едукатори и рехабилитатори, педагози и психолози, така и од аспект на подигнување на нивната стручност преку континуирани обуки и тренинзи.
Системски се ангажирани над 300 образовни и лични асистенти, кои заедно со сите останати членови на инклузивниот тим од кој дел се и самите родители, им помагаат на децата со Даунов синдром и со други попречености, полесно да ги совладуваат образовните процеси и сите останати предизвици за независно и самостојно живеење.
Верувам дека ги движиме работите во вистинска насока и дека како одговорни носители на политики, ќе продолжиме да правиме сѐ за лицата со Даунов синдром и за лицата со друга попреченост и секогаш сме заедно со нив.