Наместо неколку стотици програмирани за вакцинација, местата за давање вакцина останаа празни во дел од градовите во регионот Ломбардија, пишува весникот „Ил Фато Котидиано“. Причината за тоа било што СМС повиците за вакцинација не биле испратени и сето тоа поради грешка во системот на регионалната агенција која е надлежна за повикување на граѓани чијашто вакцинација е планирана.
За да не се уништат дозите на вакцината на „АстраЗенека“, веќе подготвени за употреба, медицинскиот персонал и волонтерите кои дојдоа да си ја завршат својата работа, започнаа да се јавуваат и да испраќаат пораки, а весникот пишува дека тие „оделе од врата до врата и барале кој би се вакцинирал“.
Меѓутоа, акцијата предизвика контраефект, бидејќи наскоро се формираа редици пред местата за вакцинација, а организаторите мораа да апелираат и да ги повикаат граѓаните да не доаѓаат повеќе на местата за вакцинација.