Словачкиот премиер Игор Матовиќ изјави дека е подготвен да поднесе оставка со цел да се реши кризата во владејачката коалиција, која се случи кога тој порача без знаење на своите партнери од руската вакцина за коронавирус „Спутник V“.
Коалицијата од четири партии е на власт една година, а Матовиќ рече дека е подготвен да поднесе оставка доколку неговите коалициски партнери се согласат на условите што вклучуваат негово останување во владата, пренесе агенцијата Хина.
Коалицијата победи на изборите минатата година кога Словаците бесни поради убиството на истражувачки новинар, побараа расчистување на матните врски меѓу бизнисот, политиката, полицијата и судството. Низа истраги и гонења ја придружуваа промената на владата, но коалицијата сè уште е опфатена со спорови.
Словачка во моментов е меѓу земјите кои се најпогодени од коронавирусот. Првите 200.000 дози вакцина Спутник В од договорените два милиони пристигнаа на 1 март, но вакцинацијата сè уште не е започната, бидејќи се разгледуваат од словачките власти.
Словачка е втора земја на Европската унија по Унгарија што го купи Спутник, иако не е одобрена од Европската агенција за лекови.