Во текот на ноќта и утрово се задржа облачно со врнежи, кои беа претежно од снег. Поголеми количества воден талог до 1 часот имаше во западните делови од земјата. Утринава врнежите се од снег и се со слаб интензитет, а поинтензивен ветер дува на повисоко во Пелагонија, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Според мерењата во 7 часот утрово, највисока снежна покривка, 40 сантиметри, има во Маврови Анови, Во Крушево има 39 см снег, 33 во Ѓуриште, 31 на Попова Шапка и Пожаране, 26 во Дебар, 24 во Тополчани, 20 во Битола и Претор, 15 во Куманово, 14 во Прилеп, 11 во Тетово, 10 сантиметри снег во Берово, седум во Штип, четири во Крива Паланка и 1 см во Демир Капија.
За денеска УХМР најави облачно време, со повремени врнежи од снег на планините и на повисоките места. На југоистокот врнежите ќе бидат од дожд, а на пониските места во останатите делови од земјата тие повремено ќе преминуваат од дожд во снег особено во ноќните и утринските часови. Пообилни врнежи ќе има во западните и северните делови и ќе дува умерен до краткотрајно засилен северен ветер во Повардарието. Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9 степени.
Во Скопје облачно и студено со повремен дожд, кој кон крајот на денот и во текот на ноќта во делови од котлината ќе преминува во снег. Максималната температура ќе достигне само до 4 степени.
Воведени се забрани за тешки товарни возила
Поради интензивни врнежи од снег воведени се забрани за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар, Струга – г.п. Ќафасан, планинските премини Стража, Пресека, Буково, Ѓавато, како и патниот правец Тетово – Попова Шапка, каде забраната важи и за автобуси, а за останатите видови возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Од 05:20 часот е укината забраната за тешки товарни возила на планинскиот премин Плетвар.
Сообраќајот на патниот правец Маврови Анови – Дебар, кај манастирот Св. Јован Бигорски е нормализиран и се одвива по две сообраќајни ленти.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, со остатоци на кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на целата територија на државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.