Турската лира е во фокусот на инвеститорите од утрово, која падна нагло откако изминатиов викенд турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го замени шефот на централната банка, со критики дека каматните стапки се високи.
Курсот на доларот скокна утрово за околу 12 проценти, на 8,05 лири, што е најголем дневен пад на турската валута од август 2018 година и тогашната финансиска криза.
„На властите им преостануваат два избори, или ќе кажат дека ќе користат каматни стапки за да го стабилизираат пазарот или ќе воведат контроли на капиталот. Верувам дека Ердоган ќе се определи за второто“, вели Пер Хамарлунд, одговорен за стратегијата за развој на пазарот во „СЕБ Рисрч“.
Сепак, не се очекува големо влијание на превирањата на турскиот финансиски пазар врз другите земји во развој, пренесува Си-Ен-Ен.
На девизните пазари, вредноста на доларот порасна во однос на другите валути, откако минатата недела зајакна за околу 0,3 проценти.
Зајакна и американската валута во однос на европската, па цената на еврото падна на 1,1895 долари, додека во петокот на затворањето на пазарот беше 1,1905 долари.
Цените на нафтата почнаа да паѓаат откако паднаа за повеќе од 6 проценти минатата недела, бидејќи трговците стравуваат дека побарувачката ќе расте побавно отколку што се очекуваше поради проблеми со контролата на коронавирус во Европа.
Цената на барел нафта на американскиот пазар ослабе утрово за 0,35 проценти, на 61,20 долари, додека на лондонскиот пазар барелот падна за 0,5 проценти, а сега неговата цена е 64,20 долари.