Се огласи Груевски: Не постои стан на име на моја секретарка

од Nikola Popovski
387 прегледи

Азилантот Никола Груевски се огласи после денешните претреси во неговото живеалиште во Скопје и пронајдените нови станови, поврзани со предметот „Плацеви на Водно“.

Според него, „денес, репресивните органи на власта, речиси две и пол години по моето заминување од Македонија и добивање азил во Унгарија, во 06 часот изутрина упаднаа во станот каде живеат моите две деца и сопругата со цел да извршат претрес“.

„Немале потреба да прават такви вознемирувања на моето семејство и особено на децата, бидејќи што и да побарале ќе им било дадено. Освен ако тоа вознемирување не било една од целите.

Како што на јавноста одамна и е познато јас низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност. Не постои ништо друго надвор од тоа. Не постои никаков скриен имот,стан или земјиште. Ниту сум купил, ниту платил, ниту продал било какво земјиште, стан или друг движен и недвижен имот, што впрочем може да се провери и во катастерот“, наведува Груевски.

Според него, надвор од ова, мајка му не поседува никаков стан во Арродром.

„Поседува стан во Капиштец купен на кредит во 1984 година. Не постои некаков мој стан на име на моја секретарка како што денес напишаа дел од медиумите. Напамет не ми паднало да земам пари од партијата или чланарини од членството за да купувам имот. Впрочем ако целта ми била да живеам во голема удобност имав можност како премиер заедно со семејството да се преселам и десетина години да живеам во многу поголема, побезбедна и поудобна државна вила, што не го направив“, стои во објавата на азилантот и поранешен премиер.

По барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска е извршен претрес во повеќе објекти. Претресот е во рамки на истражните дејствија во предметот во јавноста познат како „Плацеви на Водно“.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува во континуитет да презема дејствија во насока на целосно расчистување на предметот“, соопшти ОЈО.

Претходно е објавено дека се вршат претреси во објекти и на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Слични содржини