Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека европските лидери не успеале да препознаат дека вакцините против КОВИД-19 ќе бидат развиени за толку кратко време и тука тој ја гледа причината поради која ЕУ сега заостанува зад другите земји во имунизацијата.
„Сите експерти рекоа дека вакцината никогаш не е развиена во историјата на човештвото за помалку од една година“, изјави денеска Макрон за грчкиот телевизиски канал ЕРТ, пренесе Ројтерс.
Тој истакна дека пристапот на Унијата бил претпазлив и дека сметале дека за вакцината ќе треба многу подолго, за разлика од Соединетите држави, кои веќе во летото 2020 година имаа многу поотворен и поактивен пристап кон развојот на вакцините.
Лидерите на Европската унија сега се обидуваат да ја забрзаат вакцинацијата, но заостануваат зад земји како Велика Британија и САД затоа што се соочуваат со доцнења во снабдувањето, па затоа денес беше донесена одлука за натамошно засилување на контролата врз извозот на вакцини за коронавирус во Унијата и да се примени системот на реципроцитет, пренесе Ројтерс.