Во своето гостување во „Вин-вин“, актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари се осврна и здравствената криза и Ковид пандемијата. Оттаму вели, дека во моментов нашата земја се соочува со тотален хаос и имаме ситуација која алармира дека третиот бран коси во голема брзина.
„Бројките се драматични за жал и капацитетите се преполни. Но, почетокот беше грешка, со оглед на тоа дека е промашена стратегијата од самиот старт. Ако се споредиме со другите држави, Македонија има само околу 6000 вакцини и тоа подарок од Србија и нормално е ако се гледаат статистиките во светот сме на 120 место во однос на вакцините и 136. место во однос на смртност на милион жители. Со оваа статистика, Македонија има вакцинирано 0,2% од популацијата. Сега се наоѓаме во тотален хаос, не се знае кој каде се лекува, и кој каде ќе биде однесен. Но, и пациентите не сакаат да се лекуваат во болниците, од проста причина што немаат доверба во нив. Жал ми е што ние како земја се уште немаме прирачник за лекување на пациенти од Ковид 19. Јас не наоѓам логика во работењето на угостителските објекти до 21:00 часот, а старт на полицискиот час од 22:00 часот. Но, несомнено мора да се размислува за порестриктивни мерки“, истакна Таравари.