Нов протест за „Монструм“ – блокирани неколку улици во Скопје

од Берта Китинска
373 прегледи

За денеска е закажан нов протест против пресудата за обвинетите во случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковско езеро. Протестот е во организација на роднините и поддржувачите на осудените.

Организаторирите на протест најавуваат дека сакаат да протестираат пред Владата, а протестниот марш ќе почне во 13.30 часот од паркот во скопски Чаир и ќе продолжи кон Владата, при што за сообраќај ќе бидат затворени улиците Христијан Тодоровски Карпош, Џон Кенеди, Цветан Димов, Крсте Мисирков и булеварот Гоце Делчев.

На последниот протест се случија повеќе инциденти во кои имаше повредени полицајци и оштетени јавни објекти, по што беа уапсени и обвинети повеќе лица, а тројца од обвинетите признаа вина и беа осудени за насилство на по една година затвор.

Изменет сообраќаен режим

СВР Скопје денеска ќе воведе посебен режим на сообраќајот на неколку улици во Скопје поради протест најавен во 13.30 часот, кој ќе почне од паркот во Чаир, а ќе продолжи кон Владата. Затворени за сообраќај од 13:30 часот до завршување на протестот ќе бидат улиците „Христијан Тодоровски Карпош”, „Џон Кенеди”, „Цветан Димов”, „Крсте Мисирков” и бул.„Гоце Делчев”, соопшти МВР.

Од СВР Скопје апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

По една година затвор за тројца обвинети

На тројцата обвинети за насилство на протестите поради пресудата во случајот „Монструм“, Шабан Весели, Бехар Далити и Бесар Калиси, кои на прво рочиште го признаа делото, Судот им изрече затворска казна во времетраење од една година. Тие и понатаму остануваат во притвор.

За двајцата обвинети, Артон Садики и Фабио Идризи, кои се изјаснија дека не се чуствуваат виновни, судењето ќе продолжи на 31 март.

Според Обвинителството, обвинетите на 26 февруари, како учесници на јавниот собир на граѓани во Скопје, протест за пресудата во предметот „Монструм“, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Обвинетите и други засега непознати лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.

Слични содржини