„Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 доби нова еко – училница

од Берта Китинска
276 прегледи

Oсновното училиште „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 доби нова еко – училница.

Во надворешниот дел од дворот, со ре – употреба на пластика и дрво, направени се нови елементи за потребите на учениците и наставниот кадар и за спроведување на настава на отворено. Оваа училница дополнително ќе се прошири во должина на останатиот дел од дворот, со цел за да опслужува повеќе ученици.На овој начин се овозможува побезбеден образовен процес за учениците кои следат настава со физичко присуство, а притоа се поттикнува и креативноста кај младите, соопштија од општина Карпош.

Првата еко – училница од ваков тип беше направена во училиштето „Лазо Трповски“, а потоа примерот го следеа и другите образовни инситуции во Карпош, училиштата „Владо Тасевски“, „Вера Циривири – Трена“ и „Аврам Писевски“.Во посета на „П.П.Арсов“ денеска беше градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, кој најави повеќе еко – активности кои локалната самоуправа ќе ги спроведе во пролетниот и летниот период.

-Овие денови ќе распишеме јавен повик за избор на најдобро уреден училишен двор или дел од дворот, на кој ќе можат да аплицираат сите десет основни училишта. Ги стимулираме учениците, наставниот кадар и родителите да се вложат во раззеленување на овие површини и планско искористување на просторот за потребите на најмладите жители, рече Богоев.

Тој истакна дека Општина Карпош го подготвува и јавниот повик за субвенционирање на нови велосипеди. Исто така, претстои изведба на уште четири маалски паркови, каде што ќе се засадат нови тревни површини и украсни растенија со системи за наводнување, а ќе се постават и реквизити за најмладите.

Оваа сезона, Карпош продолжува и со зголемување на меѓублоковското зеленило при што, внатрешно, во сите населби, ќе бидат засадени 150 висококвалитетни дрвја.

Слични содржини