Најавениот протест како израз на револт за осудителните пресуди во предметот „Монструм” денес не се одржа.
Организаторот Блерим Ахмеди на социјалните мрежи објави дека наводно МВР сакало да го доведе населението во заблуда со објавата за најавениот протест за денеска во 13.30 часот. Тој вели дека протестот ќе се одржи на 2 април и ги повика сите Албанци што е можно помасовно да го поддржат овој протест.
Од денешен протест се огради и Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените во предметот „Монструм” и најави дека ќе протестира на 2 април. Тој вели дека не знае кој најавил протест за денеска.
Mинистерството за внатрешни работи ја демантира лажната објава на социјалните мрежи на лицето Блерим Ахмеди дека наводно МВР сакало да го доведе населението во заблуда со објавата за најавениот протест за денеска во 13.30 часот.
„Во интерес на вистината, МВР ја известува јавноста дека, како и за секој најавен протест каде е потребно блокирање на сообраќајници и пренасочување на сообраќајот, Министерството ги известува граѓаните за да бидат информирани и да го организираат своето движење.
Овој протест беше најавен токму од лицето Блерим Ахмеди и МВР ги презеде сите неопходни мерки и активности за обезбедување на протестот, а соодветно и ја информиравме јавноста“, соопштија од МВР.