Напорите за ослободување на гигантскиот товарен брод Евер Гивен, кој со денови го блокира Суецкиот канал, доведоа до промена на кормилото вчера, но не е познато кога може да се пренасочи, изјавил претседателот на Управата на Суецкиот канал, Осама Раби.
Бродот, долг 400 метри, се насукал дијагонално преку јужниот дел на каналот поради силниот ветер рано во вторникот, блокирајќи еден од најпрометните водни патишта во светот и нарушувајќи ја глобалната трговија, потсетува Ројтерс.
Обидите за преместување на бродот продолжија денес, а се планираат натамошни напори за денес наутро, изјавиле три извори запознати со работењето на каналот, иако додале дека можеби е потребно да се отстрани повеќе песок околу бродот за да се ослободи.
Питер Бердовски, извршен директор на „Ројал Боскалис Вестминстер“, која се обидува да го ослободи бродот, за холандските медиуми, како што објави „Њујорк Тајмс“, изјавил дека операцијата за спасување може да трае со денови, па дури и со недели и дека натоварениот Евер Гивен е како „многу тежок кит заглавен на плажа“.
Раби истакнал дека се надева оти нема да биде потребно да се прибегне кон отстранување на некои од 18.300 контејнери од бродот за олеснување на товарот, но дека силните плими и ветрови ги комплицираат напорите да се ослободи.
„Стерната на бродот започна да се движи кон Суец и тоа беше позитивен знак до 23 часот, но плимата значително се намали и застанавме“, им рекол Раби на новинарите.
Раби исто така додал дека бродовите што чекаат, а ги има 321, можат слободно да се пренасочат околу Ртот добра надеж, што е две недели подолг пат, но тоа сè уште никој не го сторил.
„Вкупно 321 брод е заглавен на северниот и јужниот крај на каналот, како и на езерото во близина на Исмаилија и на секој од нив им беше дадена логистичка поддршка“, рекол Раби на прес-конференција во саботата.