Лекарите во Париз предупредија дека зголемувањето на бројот на новозаразени наскоро може да го доведе во прашање нивниот капацитет за згрижување на пациенти во болниците.
Ова може да ги доведе во ситуација да изберат кој пациент да го спасат.
Мрачните предупредувања беа објавени денес во весникот „Журнал ди Диманш“, а ги потпишаа неколку десетици лекари од Париз, пренесува АП.
Лекарите од 41 париски болници во текстот наведоа дека тие никогаш не биле во таква ситуација, дури и за време на терористичките напади во француската престолнина, од кои најлошото се случи во 2015 година, кога исламските екстремисти убија 130 лица и ги преполнија единиците за интензивна нега.
Лекарите предвидуваат дека помеките нови ограничувања воведени овој месец во Париз и некои други делови на Франција нема брзо да ја стават под контрола епидемијата.
Тие предупредија дека болничките ресурси нема да можат да бидат во чекор со потребите, принудувајќи ги да практикуваат „медицина за случаи од катастрофи“ во следните недели се додека бројот на случаи не го достигне врвот, пренесе американската агенција.
Друга група од девет лекари од одделот за интензивна нега во Париз за весникот „Ле Монд“, исто така, предупреди дека единиците за интензивна нега можеби ќе треба да одбијат некои пациенти.
„Сегашната состојба се движи кон приоритет, што уште се нарекува и „тријажа“. Кога е достапен само еден кревет, но двајца пациенти можат да имаат корист од интензивна нега, ние одлучуваме кој од нив ќе биде примен (и евентуално ќе преживее) и кој нема да биде примен (и веројатно ќе почине). Одиме кон тоа“, се наведува во писмото на докторите.
Францускиот претседател Емануел Макрон останува на својата одлука да не ја заклучува Франција повторно, како што беше случај минатата година. Од јануари, владата на Макрон воведе ноќен полициски час и други ограничувања, потсетува АП.