Еден од најблиските соработници на уапсениот руски опозиционер Навални, Иван Жданов, денеска ги обвини властите во Русија за апсење на неговиот татко.
Како причина за апсењето, Жданов го наведе планот на владата да изврши притисок врз него поради активностите кои ги преземал, меѓу другото, за организирање нови антивладини протести.
Тој рече дека неговиот татко (66) е уапсен во Ростов на Дон за наводна злоупотреба на службената положба, пренесува „Ројтерс“.
„Не се сомневам дека овој кривичен случај е поврзан со мене и со она што го работам“, рече Жданов, кој моментално е надвор од Русија, од каде пролетва се обидува да мобилизира поддршка за нови протести.
Жданов рече дека неговиот татко има здравствени проблеми и дека не верува дека ќе може да издржи во затвор.