TSMC најави 100 милијарди долари инвестиција во нови капацитети за производство на чипови

од Stefanija Kuzmanovska
320 прегледи

Тајванскиот производител на чипови TSMC во четвртокот објави дека ќе инвестира 100 милијарди долари во следните три години во проширување на производствениот капацитет, предвидувајќи голема побарувачка во следните години на бранот на изградба на 5G мрежи и развој на моќни компјутери.

Најголемиот светски производител на чипови, меѓу чии клиенти е и американскиот технолошки гигант Apple, неодамна објави дека годинава ќе инвестира до 28 милијарди долари во развој и производство на нови модели на микрочипови, потсетува Би-Би-Си.

Големите инвестиции навреме се совпаѓаат со глобалниот недостиг на чипови што ги принуди автомобилските гиганти Volkswagen, Hondа, Toyotа и General Motors да го намалат производството.

Производителите на автомобили минатата година ги откажаа нарачките поради падот на побарувачката за автомобили во глобалната пандемија на коронавирус.

Производителите на чипови потоа се префрлија на други сектори каде што порасна побарувачката, особено кај производителите на електроника за широка потрошувачка, а производителите на автомобили не беа во можност да ги обноват нарачките кога побарувачката повторно се зголеми.

На почетокот на оваа година, TSMC објави дека ќе даде приоритет на производство на чипови што се користат во производството на автомобили со цел да се ублажи недостигот.

Поради големата глобална побарувачка, недостигот на чипови влијаеше и во другите сектори, вклучувајќи ги производителите на електроника за широка потрошувачка и бела техника.

TSMC предвидува дека побарувачката за нејзините полупроводници ќе продолжи да расте бидејќи пандемијата Ковид-19 дополнително го забрзува процесот на дигитализација.

„Влегуваме во период на посилен раст бидејќи долгорочните трендови во развојот на 5G мрежите и компјутерите со високи перформанси се очекува да стимулираат голема побарувачка за нашата технологија во производството на полупроводници“, соопшти компанијата.

Дополнителната инвестиција ќе го зголеми капацитетот за поддршка на производството, истражувањето и развојот на софистицирани технологии за нови модели на чипови.

Минатата недела американскиот технолошки гигант Intel објави инвестиција од 20 милијарди долари за изградба на две фабрики за чипови во Аризона, најавувајќи нови погони во Европа.

Во фабриките во Аризона, таа ќе произведува чипови за свои потреби, но и за клиенти, што би можело да го стави во директна конкуренција со TSMC.

Тајванскиот производител во мај минатата година објави дека планира да изгради фабрика за чипови во Аризона, потсетува Би-Би-Си.

Слични содржини