Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција рече дека е оптимист во решавање на спорот со Бугарија и дека Од понеделник ќе се започне нова динамика на комуникација со Бугарија.
-Оптимист сум дека со новиот пристап на градење доверба преку секторска соработка и со завршувањето на изборниот процес во Бугарија ќе го вратиме амбиентот на рационална дебата, која очекувам да се случи од понеделник со цел сериозен ангажман на двете страни во надминување на разликите за да се добие можност во јунско-јулските самити на ЕУ да се донесе консензус по однос на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, изјави Османи.
Османи рече дека поминал неколку изборни процеси и затоа знае дека изборите секогаш ги „киднапираат“ редовните политички процеси и ги подигнуваат емоциите на високо ниво, со што се губи рационалноста и ја нема нормалната комуникација.
–Знаејќи дека постои доволен потенцијал во двете држави за да се вратиме во оваа нормалност и рационалност во комуникацијата јас сум многу оптимист дека од понеделник ние започнуваме со друга поинаква динамика на комуникација со Бугарија што значи дополнителни напори во месеците што следат за да се фати оптималната можност за започнување на преговорите на Самитот во јуни оваа година, изјави Османи.