Со „пет линии на одбрана“, Грција ќе ги отвори границите

од Берта Китинска
297 прегледи

Грчкиот министер за туризам Харис Теохарис,  за денешниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) повтори дека планот е Грција да започне да прима странски гости оваа година на 14 мај, што зависи и од ситуацијата во која тогаш ќе биде земјата, пренесува атинскиот весник „Катимерини“.

Тој додаде дека со иста состојба – ако епидемиолошките податоци се поволни, за патниците „од некои пазари со голем процент на вакцинирани, ние сакаме да го отвориме нашиот туризам веќе во средината на април“.

Теохарис за германскиот весник ги претстави и „петте линии на одбрана“ на Грција, односно услови за влез на туристи и престој во Грција.

„Првата линија на одбрана“ е дека секој странски турист мора да поседува потврда дека бил вакциниран против коронавирусот, или дека е оздравен од вирусот или пак да прикаже негативен тест за коронавирусот.

„Втора линија на одбрана“ е „дека сами ќе извршиме тестови од примерокот на туристите по пристигнувањето“. Оваа стратегија за контрола ќе биде насочена особено кон оние кои доаѓаат од земји каде што имало „концентрација на позитивни случаи“ претходниот ден.

„Третата линија на одбрана“ на Грција е „туристите веднаш да се стават во карантин во случај на позитивен тест, а потоа да подложат на подетален тест за ПЦР“.

„Четвртата линија на одбрана“ се „општите правила за безбедност, како што се задолжителна употреба на заштитна маска или одржување дистанца, ограничувања за рестораните, автобусите, туристичките излети и разгледувања“.

Последната, „петта линија на одбрана“ е, подвлече министерот, дека „сите треба да ги следат истите правила како Грците“.

„Ако за грчките граѓани постои обврска за носење на заштитна маска, истото ќе важи за сите, без оглед дали се вакцинирани или не“, нагласи министерот.

Теохарис рече дека вакцинирањето на персоналот во грчкиот туристички сектор исто така ќе помогне во заштитата од инфекцијата.

„Тие ќе бидат вакцинирани како приоритет веднаш по постарите и ризичните пациенти“, најави тој.

Министерот најави и можно продолжување на годинешната туристичка сезона.