Изјавата, потпишана од 103 пензионирани турски адмирали, предизвика остри реакции денес кај државните претставници во Анкара, кои ја поврзаа со претходните обиди за воен удар.
Адмиралите го критикуваа предлогот Турција да се повлече од меѓународниот договор од Монтре, постигнат во 1936 година, со кој се регулира сообраќајот на бродови преку Босфор и Дарданели, кои го поврзуваат Средоземното со Мраморното Море и Црното Море.
Турскиот потпретседател Фуат Октај ја спореди изјавата на адмиралите со „свиркање на исплашени кукавици на гробишта“, а потпретседателот на владејачката Партија на правдата и развојот, Нуман Куртулуш, ги нарече потписниците „вљубеници во старата Турција кои се гледаат себе си над волјата на нацијата “, пренесе АП.
„Фактот дека дебатата за повлекување од договорот во Монтре беше отворена како дел од разговорите за изградба на Истанбулскиот канал (кој треба да го премости сообраќајот низ Босфор и Дарданелите) беше дочекан со загриженост.
„Сметаме дека е потребно да се воздржиме од разговори за повлекување од договорот во Монтре, бидејќи тој чин е важно место во одржувањето на Турција“, рекоа пензионираните турски адмирали.
Ибрахим Калин, претставник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, оцени дека изјавата на пензионираните адмирали го враќа периодот на „воени удари“ и ги прави да изгледаат „смешно и патетично“.
Во реакцијата на турското Министерство за одбрана се вели дека вооружените сили не можат да се користат „како алатка за алчност, амбиции и лични цели на оние кои немаат никакви должности и одговорности“, пренесува Танјуг.