Во салата Борис Трајковски втор ден по ред тече вакцинацијата со „Спутник В“ на медицински лица, а по полицијата денеска таму вакцината ја примаат и припадниците на Армијата. Според сегашното темпо вакцинацијата со 20-те илјади вакцини на „Спутник V“ ќе заврши за околу една недела.
„2500 граѓани ја примија првата доза Спутник V на стартот на масовната имунизација во земјава. Согласно со тоа што навистина досега многу пати најавите не се остварија заради проблеми од страна на производителите, со недостаток на количини…имаме најави дека помеѓу 15 и 20 април треба да стигнат кинеските и фајзер вакцините од нашиот директен договор и од трипартитниот со Европа. Тогаш кога ќе имаме конкретен датум ќе го соопштиме”, вели министерот за здравство, Филипче, додавајќи дека продолжува оној систем на имунизација во сите здравствените домови ширум државата на возрасната категорија граѓани над 77 години.
„Како доаѓаат вакцините ќе се дополнуваат овие два системи и ќе се намалува возрасната граници. Возрасните граѓани ќе бидат повикувани преку матичните лекари, а преку системот на закажување и пријавување во институциите ќе се зголемува и бројот на граѓани кои ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски”. Очекувањата се да има по 7000 вакцинирани граѓани на ден“.
Бројките пак кажуваат дека до утрово во земјава се вакцинирани околу 13.000 граѓани, од кои досега не се пријавени несакани последици од вакцинацијата.