Дипломатската бура околу посетата на лидерите на ЕУ на Анкара, при што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен остана без стол за време на сликањето на претседателот Ердоган со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, не стивнува.
Многумина сметаат дека ваквиот третман на првата жена на местото претседател на Европската комисија е сексизам.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека сликите од Анкара, на кои се гледа како седи покрај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на страничниот тросед, даваат погрешен впечаток и дека тоа не е негова вина, туку тоа е веќе прашање на протокол.
Поранешниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер, коментирајќи го таканаречениот „Софагејт“, рече дека и тој понекогаш бил деградиран покрај претседателот на Европскиот совет, но дека таков е протоколот.
Турција тврди дека протоколот е организиран во согласност со барањата на Унијата.
„Со други зборови, распоредот за седење беше направен за да ги задоволи нивните барања. Точка. Ние не би го објасниле тоа експлицитно ако немаше обвинувања против Турција, дури и од највисоко ниво. Како да го сторила тоа Турција. Нашиот протокол ги почитуваше само нивните сугестии и барања“, рече турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.