Таткото на Саздо: Зарем Никола беше стар? Зарем во земјава се делиме на млади и стари?

од Nikola Popovski
335 прегледи

Таткото на убиениот Никола Саздовски – Саздо, Тони Саздовски и претставници на навивачката група Комити, денес до ОЈО Скопје поднесоа жалба поради намалувањето на казните на извршителите на убиството од 19 на 16 години затвор.

„Изразуваме револт поради пресудата на Апелацискиот суд со која на убијците на Саздо им е намалена казната со образложение дека ова им било првпат и затоа што биле млади. Апелацискиот суд ја донесува оваа одлука врз основа на дека првостепениот суд не зел во обѕир, односно тие немале умисла да го направат тоа. Прифаќа дека ова е убиство на свиреп начин, ги прифаќа сите сведочења на сведоците, на вештите лица од Судска медицина, ја потврдува пресудата дека е свирепо убиство, но не ги прифаќа годините на казната“, рече таткото Тони.

Според него, максималната казна затвор за ова дело е доживотна робија, но лица помлади од 21 година не можат да бидат осудени повеќе од 20 години.

„Зарем Никола беше стар? Зарем во земјава се делиме на млади и стари“, прашува таткото.

Никола Саздовски, припадник на навивачката група „Комити“ почина по бруталното претепување на 29 јуни 2018 година.  За свирепо убиство на Саздовски беа осудени Бесир Беља и Скендер Демири на по 19 години затвор.

Слични содржини