Интервју со Димитрова: Сè додека функционираме во експлоататорски систем, тешко ќе ја искорениме родовата дискриминација на работното место

од Andreja Salpe
953 прегледи

За да се подобрат условите на мнозинството, и особено жените кои најмногу страдаат од опресија, потребна е промена на пазарната логика, застапување за работнички права и политички опции кои имаат јасни цели да работат на овие проблеми. Во спротивност ќе продоложиме да гледаме како работничките права упорно се кршат (особено во време на вакви кризи), а сексуалното вознемирување на работното место е само „дел од работата“, наместо кривично дело кое се пријавува и казнува. Ниското ниво на свест кај нас за работнички права дава простор за родово базираната дискриминација и мобинг да цветаат, вели во интервју за „Локално Калиа Димитрова, главна и одговорна уредничка на феминистичката платформа „Медуза.

Во однос на тоа колку имплементацијата на сексуалното образование во училиштата ќе придонесе за превенција на сексуално вознемирување на интернет, Димитрова вели дека единствено формалното образование има моќ да интервенира вредносно кај цели нови генерации.

-Сеопфатното сексуално образование ги учи младите на сите аспекти од сексуалноста: љубовта, врските, задоволството, телесноста, но и опасностите, почитта, границите, согласноста… Не можеме да се бориме со сексуалното вознемирување и насилство сè додека сексуалноста е табу тема, посочува таа.

Смета дека родовата дискриминација, вознемирување и мобингот на работното место се честа појава кај нас, но е тешко е да зборува за нивно искоренување сè додека „функционираме во систем кој во својата суштина е експлоататорски“.

– За да се подобрат условите на мнозинството, и особено жените кои најмногу страдаат од опресија, потребна е промена на пазарната логика, застапување за работнички права и политички опции кои имаат јасни цели да работат на овие проблеми. Во спротивност ќе продоложиме да гледаме како работничките права упорно се кршат (особено во време на вакви кризи), а сексуалното вознемирување на работното место е само „дел од работата“, наместо кривично дело кое се пријавува и казнува, истакнува Димитрова за Локално.

Позитивно е што последните години се појавија организации, платформи, медиуми, кои сè повеќе гласно говорат за родово-базираното насилство, родовата дискриминација во повеќе области на нашето општество, иако сè уште сме далеку од нивно искоренување. Кои активности ги презема „Медуза” за подобрување на општеството и потиснување на патријахатот?

-Некаков вид на платформи, здружувања и отпор секогаш биле дел од женската историја со која за жал не сме баш запознаени. Таму кадешто постои опресија, постои и некаква форма на отпор, колку и да е на моменти невидлив. Точно, денес е полесно да се пренесе одредена порака и гласно да се застапува за феминизмот, но нашата работа се темели на работата на други жени во минатото, кои на овој или оној начин го отвориле патот за нас. Неслучајно го одговарам прашањето на овој начин. Медуза е платформа која креира простор за теми за кои е тешко да се говори и гласови кои ретко се читаат. На нашата веб страна и други простори за комуникација кои ги користиме веќе две години се пласира феминистичка мисла во средина која е крајно традиционална и мизогина (а тоа е и повеќе очигледно во дигиталната сфера), креирана од над 20 различни авторки и автори, како и видео содржина која чепка теми и споделува женски искуства кои сме навикнати да ги ставаме под тепих. Јас искрено верувам дека со секое артикулирање на неправда, секој објавен текст или друга содржина и секој нов омоќен феминистички глас, сме поблиску кон градење на свет кој е праведен. Знам дека звучам претерено идеалистички, но сè повеќе сме соочени со неодржливоста на системот во кој живееме. Мора да размислуваме радикално и надвор од позатите матрици, ако сакаме да имаме шанса. Феминизмот со неговата богата историја, теорија и интерсекционалност, според мене нуди модели на размислување кои ни се потребни за целосна општествено трансформација. Преку Медуза сакаме да ја прошириме таа мисла колку што можеме.

Голем е процентот на жени кои имале искуство со родово-базирана дискриминација на работното место. Нејзината распространетост не може прецизно да се утврди, поради тоа што многу случаи остануваат непријавени. Како да се поттикнат оние кои имале вакво искуство да го пријават во надлежните институции?

-Родовата дискриминација, вознемирување и мобингот на работното место се дефинитивно честа појава. Сепак, тешко е да зборува за нивно искоренување сè додека функционираме во систем кој во својата суштина е експлоататорски. Во овој контекст важна е и дебатата за родовиот јаз во платите кој знае да е невидлив. Имено, дури и да се искорени директната родова дискриминација, каде на истата работна позиција мажот зема повисока плата од жената, жените повторно остануваат да работат на понисоко платени позиции, додека мажите се мнозинството кое ги води компаниите, ги носи политиките, го генерира профитот, итн. Сепак, постои една популарна заблуда, дека решението на овој проблем е кршењето на стаклениот плафон, односно, креирање можности за повеќе жени да стигнат до позиции на моќ и веќе гледаме како ова се случува. Сепак, повеќе жени на позиции на моќ не значи подобрување на животите и условите за работа на жените кои ги вршат најниско платените работи, а згора на тоа и извршуваат неплатен труд (работа во домот). За да се подобрат условите на мнозинството, и особено жените кои најмногу страдаат од опресија, потребна е промена на пазарната логика, застапување за работнички права и политички опции кои имаат јасни цели да работат на овие проблеми. Во спротивност ќе продоложиме да гледаме како работничките права упорно се кршат (особено во време на вакви кризи), а сексуалното вознемирување на работното место е само „дел од работата“, наместо кривично дело кое се пријавува и казнува. Ниското ниво на свест кај нас за работнички права дава простор за родово базираната дискриминација и мобинг да цветаат, па неретко се случува на интервју за работа на жените да им поставуваат приватни прашања, се појавуаат огласи кои се исклучиво за мажи или жени, се очекуваат сексуални услуги за напредување, под присила се потпишуваат бланко откази, или пак, на трудници им ги прекинуваат работните договори. Хелсиншкиот комитет за човекови права има широко искуство во работа со вакви случаи, па ги охрабрувам сите кои доживеале некаков облик на дискриминација, вознемирување или мобинг да се советуваат со правниците од Комитетот и со нивна помош и поддршка да поведат соодветна постапка или барем да се информираат за своите работнички права.

Пред скоро време, групата на телеграм „Јавна соба” повторно oживеа и ја крена јавноста на нозе, а со тоа испливаа на површина потајно патријахалните мислења, и коментари од типот на „што барала да се слика гола”. Несомнено нашето општество пати од синдромот „Јавна соба”. Можеби институционална разрешница за организаторите ќе има, но што е со останатите?

-Институционална разрешница мора да има, но точно е дека тоа нема во целост да го реши проблемот со не-толку-потајните патријархални ставови на масата и културата на насилство (rape culture) во која живееме. Колку и да е тешко да се „поттикнат“ институциите да постапуваат правилно, професионално и навремено во случаи на сексуално насилство и вознемирување, милион пати е потешко да се смени популарниот став дека жртвата некако сама си ја налепила бељата, бидејќи тој пристап кон жртвите е веќе дел од нашиот културен ген. Двојната виктимизација се случува од блиски социјални/семејни кругови, до ниво на институции и мора огромен фокус да се даде на одучување на овој феномен, бидејќи ваков тип на коментари претставуваат релативизирање на насилство и заземање на страна на сексуалните предатори и насилници. Јавноста секогаш има некаква идеја за што девојката требала или можела да направи за да не стане жртва, а многу ретко има идеи што може или треба да се направи со оној кој ја вознемирил, повредил или понижил. Истата таа јавност имаше огромен проблем со изјавата каде „заштити ја ќерка ти“ беше прецртано и наместо тоа испишано „едуцирај го син ти“, бидејќи на една мизогина заедница најлесно ѝ е да најде милион причини зашто девојките и жените се виновни што се жртви, а насилникот да не биде една од нив. Впрочем, сексуалното насилство е веројатно единственото кривично дело каде жртвата се обвинува за нешто што ѝнаправил некој друг.

Колку е важно да се имплементира сексуалното образование во училиштата и како да се едуцираат младите за превенција од сексуално вознемирување на интернет?

-Најважно! Сеопфатно сексуално образвание го гледам како најмоќната алатка во оваа борба. Секако, можеме и треба да зборуваме и за домашно воспитување, но единствено формалното образование има моќ да интервенира вредносно кај цели нови генерации. Не можеме да ги заштитиме девојките, доколку ова го гледаме како изолиран случај или како интернет феномен. Брзо решение нема. Но за почеток, може да ги учиме момчињата дека женските тела не постојат за нивна забава и задоволство. Можеме да ги учиме младите за сексуалноста, наместо да го игнорираме фактот дека се сексуални битија. Можеме да ги учиме младите дека родово-базираното и сексуалното вознемирување и насилство во оваа држава се казниви. Сеопфатното сексуално образование ги учи младите на сите аспекти од сексуалноста: љубовта, врските, задоволството, телесноста, но и опасностите, почитта, границите, согласноста… Не можеме да се бориме со сексуалното вознемирување и насилство сè додека сексуалноста е табу тема.

Кои се идните планови и активности на „Медуза”?

-Сакаме да објавиме уште многу текстови од уште толку авторки, да снимаме, зборуваме, застапуваме, се бориме и живееме феминистички. Годинава и пандемијата нè научија дека планирањето е опасна играчка, па така, пробуваме да се грижиме за себе, луѓето околку нас и заедниците во кои постоиме и за кои работиме, ден за ден.

А.Р.

Фото: Ванчо Џамбаски

Слични содржини