ЦИВИЛ: Одбележување пет години од „Шарената револуција“, борбата продолжува!

480 прегледи

По повод јубилејот Пет години Шарена револуција, ЦИВИЛ организира програма во живо на 12 април, со почеток во 12 часот. Програмата ќе биде пренесувана на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на ЦИВИЛ. Организацијата ќе покани истакнати активисти за човекови права, кои учествуваа во Шарената револуција, како и во низа други протести за демократија, правда, слобода и еднаквост во нашата земја.

Денот кога започна Шарената револуција, 12 април, ќе остане запаметен во македонската историја како симбол на борбата против режимот и диктатурата на една власт која никогаш повторно не смее да ни се случи. Борбата продолжува.

На овој ден, се сеќаваме и на сите други протести, граѓански иницијативи и движења со кои граѓанките и граѓаните на Северна Македонија го изразуваа својот протест против недемократските политики и практики на било која власт, во било кое време.

Пораката на ЦИВИЛ по повод овој ден е:

Борбата за човекови права и слободи, правда, слобода и еднаквост во нашето општество продолжува.

Сеќавањата на Шарената револуција мора да продолжат да живеат како сведоштва за моќта на гласот на обесправените, моќта на граѓанките и граѓаните кои сите овие години не останаа неми, глуви и слепи на неправдите.

Со цел да ги одбележи сите граѓански протести за човекови права, слобода, правда и еднаквост, ЦИВИЛ во 2018 година започна Иницијатива за одбележување на 12 април како Ден на граѓанскиот пркос. Иницијативата е доставена и до Собранието на РСМ, но таа најмногу се однесува на граѓанките и граѓаните, без оглед на тоа дали овој датум ќе биде прифатен и признаен од политичарите и институциите. ЦИВИЛ ќе го обнови предлогот за прогласување на 12 април за Ден на граѓанскиот пркос, со посебен настан пред Собранието.

Оваа година, соодветно на мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, освен со програма во живо, ЦИВИЛ ќе го одбележи Денот на граѓанскиот пркос со серија текстови, фото и видео прилози на својата медиумска платформа која своевремено беше една од ретките што го пробиваше медиумскиот мрак наметнат од режимот.

Со оваа иницијатива, ЦИВИЛ им оддава длабока почит и признание на сите слободољубиви граѓанки и граѓани кои поминаа месеци и години на улиците низ целата земја, барајќи почитување на човековите права и слободи за сите.

Слични содржини