Во земјава според податоците се бележи благ пад на Ковид позитивните пациенти. Така, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 1 092 случаи, од 5 569 тестирани, но и 2003 оздравени. Во меѓувреме, продолжува процесот на имунизација. Се вакцинираат приоритетни групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата и повозрасните лица.
Имунизацијата тече и во останатите вакцинални пунктови во земјава со вакцината на Астра Зенека, која ја примаат лицата над 77 години, а во тек е пријавување кај матичните лекари и на граѓани на возраст над 75 години, кои ќе бидат вакцинирани со оваа вакцина. Министерот за здравство Венко Филипче вчера преку својот фејсбук-профил апелираше граѓаните да се пријават за вакцинација со цел побрзо надминување на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
– Сега е време да придонесеме за побрзо надминување на пандемијата со коронавирусот. Процесот на имунизација е пред нас и само со вакцинација на голем број граѓани ќе успееме да стекнеме колективен имунитет. Пријави се за вакцинација денес. vakcinacija.mk, напиша министерот Филипче на Фејсбук.
Вакцинацијата е еден од начините со кои што можеме да се справуваме со инфективните заразни заболување, посебно со Ковид-19, тврди доц. д-р Мери Киријас од Институтот за имунологија, Таа вчера во интервју за МИА беше децидна дека во рок од шест месеци по имунизацијата против коронавирусот, може да бидеме сигурни дека постои заштита од Ковид-19, но може да се очекува тој временски период да биде и подолг.
Во врска со досега познатите нус појави по вакцинацијата, освен ретката појава на поврзаноста на појавите на згрутчување на крвта и вакцината на „Астра Зенека“ што ја потврди и Европската агенција за лекови (ЕМА), Киријас вели дека во САД по примањето на вакцината на „Фајзер“ се регистирани и појави на минлив фацијалис, а имало и случаи со тромбози, меѓутоа не е потврдено дали тие се причинско-последично поврзани или не.
Инаку, согласно вчерашниот извештај на Министерството за здравство, на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат 1.687 пациенти. Вкупно 687 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите.
Инаку, бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата е 141.157. Досега здравени се 115.433 пациенти, а починаа вкупно 4.182 лица.