Министерот за здравство и социјални работи на Австрија, Рудолф Аншобер, денес поднел оставка, бидејќи веќе нема сили да ја води оваа важна институција за време на борбата против пандемијата.
Аншобер, на вонредна прес-конференција, објавил дека додека се соочувал со ситуацијата поради голем притисок и преголема работа започнал да има здравствени проблеми.
„Кога станав шеф на ова министерство пред 15 месеци, сакав да дадам се од себе. Сепак, по еден месец, се соочивме со најголемата пандемија во последните 100 години. Оттогаш, работев нон стоп 14 месеци, без ниту еден слободен ден. Очигледно, дека претерав и немам сила веќе“, објасни тој во обраќањето.
Тој рече дека не чувствувал дека е во полна сила изминатите недели и изјави дека започнал да се соочува со проблемот на зголемен притисок и шеќер, што се сите последици од преоптоварувањето.
Аншобер истакнал дека колабрирал пред неколку недели, дека бил во болница и дека после тоа се обидел да се врати на работа, но повторно се соочил со истиот проблем.
Тој потсетил дека имал „исцрпеност“ пред девет години и дека ова е нешто малку поразлично, дека сега ја изгубил својата сила.
„Почувствував дека мора да ја повлечам рачната кочница. Мислам дека во сегашната ситуација, на земјата и треба министер кој е во полна сила. Јас не сум во моментот и нема да бидам во догледна иднина. Пандемијата не прави пауза и затоа министерот за здравство не може да паузира“, додал Аншобер.
Тој рече дека побарал од претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, да го прифати новиот министер за здравство до понеделник, а дотогаш неговата должност ќе ја извршува вицеканцеларот Вернер Коглер.
„Таа пандемија ги промени животите на сите нас, вклучувајќи го и мојот. Многу министри за здравство на ЕУ веќе не се на функција. Во Чешка, тие веќе го имаат четвртиот министер за здравство од избувнувањето на пандемијата“, објасни Аншобер.