Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, потенцира дека не секогаш се согласува со она што го зборува неговиот татко Срѓан во јавноста, но дека ја разбираат неговата потреба да го брани.
Србинот се врати на теренот по седум недели и го совлада Јаник Синер со 6:4, 6:2 во второто коло на Мастерсот во Монте Карло.
Новак беше запрашан дали му пречат интервјуата на неговиот татко Срѓан, кој честопати јавно го критикуваше Роџер Федерер во своите говори.
– Го сакам татко ми. Тој секогаш ми давал голема поддршка, особено на почетокот на мојата кариера. Но, не можам да влијаам на она што тој го зборува. Секој може слободно да каже што мисли. Морам да го прифатам и почитувам тоа. Татко ми е страствен човек, тој ме сака и ме брани. Знам дека тој го прави тоа со најдобри намери. Можеби сите правиме или зборуваме за нешто што може да ги навреди другите. Но, јас секогаш ќе бидам со татко ми, ние сме семејство. Ќе се обидам да го заштитам. Иако не можам да кажам дека се согласувам со сè што ќе рече – истакна Србинот.