По денешната средба со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бисер Турковиќ во Сараево, министерот за надворешни работи на Хрватска Гордан Грлиќ Радман изјави дека Хрватска одлучила да донира вакцини на Босна и Херцеговина.
„Сите сме во неволја и треба да бидеме вакцинирани, како и Хрватска, но сакаме да покажеме солидарност затоа што знаеме дека и на вас ви треба, така што наскоро ќе доставиме вакцини“, рече Грлиќ Радман.
Тој посочи дека е потребно да се утврдат деталите за донацијата и дека наскоро ќе се знае количината на вакцини што ќе бидат донирани и кога ќе пристигнат, пренесе „Ал Џезира“.
Денес, за време на официјалната посета на Грлиќ Радман на БиХ, министрите се согласија да ја зајакнат соработката меѓу двете земји и постепено да ги решаваат отворените прашања, додавајќи дека добрососедските односи немаат алтернатива.
„Имавме толку добар и плоден разговор што беше тешко да се заврши“, изјави Грлиќ Радман пред новинарите, додавајќи дека нема сомнеж дека Хрватска е пријател на БиХ и ќе продолжи да биде тоа.
Посочи дека конкретен доказ за тоа тврдење е одлуката на хрватската влада за донирање вакцини на БиХ, бидејќи на тој начин сака да се солидаризира со потребите на нејзините жители.
„Наскоро ќе ја доставиме вакцината“, најави тој.