Претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека во блиска иднина сака да разговара со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Според медиумските извештаи, оваа информација е објавена по средбата на Макрон со украинскиот претседател Владимир Зеленски за време на неговата официјална посета на Париз.
„Претседателот на Франција и неговиот украински колега разговараа со германската канцеларка Ангела Меркел преку видео врска. Тие наведоа дека заклучоците од самитот во Париз, одржан на 9 декември 2019 година, сè уште се валидни. Во блиска иднина, претседателот на Франција ќе води преговори со Путин“, беше наведено во соопштението.
Оценувајќи дека Донбас е исклучително сложено прашање и дека постојат големи ризици од ескалација на тензиите, Макрон, исто така, рече дека е потребно строго да се почитува договореното од Минск за да се најде начин политички да се реши кризата, додаде тој.
Како што претходно објавија медиумите, за време на трилатералната средба, Зеленски, Макрон и Меркел ја повикаа Русија да престане со трупање војници во близина на украинските граници.
Тие истакнаа дека е неопходна целосна имплементација на Минските договори од двете страни и посочија дека Германија и Франција ќе ги продолжат своите напори во нормандискиот формат.