Макрон: Подготвен сум да воведам санкции кон Русија

од Nikola Popovski
254 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон изјавил дека е потребно „да се дефинираат јасните црвени линии кон Русија“ и дека е подготвен да воведе санкции во случај на „неприфатливо однесување“ од Москва.

„Мислам дека во случај на неприфатливо однесување, мора да воведеме санкции. И мислам дека треба да дефинираме јасни црвени линии кон Русија“, изјавил Макрон за телевизијата Си-Би-Ес, запрашан за можен одговор на Западот во случај на руски напад врз Украина.

Според Макрон, иако санкциите сами „не се доволни“ и иако е подобро да се има конструктивен дијалог, тие се „единствениот начин да се биде кредибилен“.

„Потребен ни е искрен и отворен дијалог со Русија“, рекол францускиот претседател.

Западот и Украина ја обвинуваат Русија дека донела десетици илјади војници на границата со Украина и Крим, кој го припои во 2014 година, по што продолжија борбите во источна Украина.

Во четвртокот, американскиот претседател Џозеф Бајден најави воведување на серија строги финансиски санкции против Русија и протерување на 10 руски дипломати, истовремено повторувајќи го предлогот за самит со рускиот претседател Владимир Путин.