Според истражувањата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) „Доверба во Владата и локални избори“ посветено на некои актуелни политички прашања покажуваат дека помалку од половина од граѓаните (42 проценти) имаат доверба во Владата, а меѓу нив, побројни се етничките Албанци (61,8 проценти) и припадниците на другите заедници (51,5 проценти).
Истражувањето покажува дека околу три четвртини од граѓаните се согласни дека земјата е во политичка криза. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (87,6%) и неопределените (78,6%) се побројни меѓу нив. Прашани за тоа што сметаат дека е решението за надминување на политичката криза, најголем број од граѓаните, односно 36,0% рекле дека тоа се предвремените парламентарни избори.
Околу една четвртина веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата, додека за 15,7% решението е формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Гледано од перспектива на етничката припадност, етничките Македонци почесто го бирале одговорот „предвремените парламентарни избори“ (42,4%), а етничките Албанци повеќе веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата (47,0%).
На прашањето дали сметаат дека треба во личните карти да се вметне етничката припадност на граѓаните испитаниците се поделени, односно, 49,7% се согласуваат со вклучување на етничката припадност во личните карти, а 48,7% не се согласуваат. Поддршката е поизразена кај етничките Албанци (83,5%) и припадниците на другите заедници (77,3%).
Во однос на пописот и односите со Бугарија. Резултатите покажа дека мнозинство од граѓаните не веруваат (60,8%) дека пописот на населението ќе се спроведе со соодветен квалитет. Побројни меѓу нив се етничките Македонци (69,5%). За половина од граѓаните, односите со Бугарија се развиваат во негативен правец (53,6%). Разлики во ставовите има на основа на етничката припадност и кај симпатизерите на политичките партии.
За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците се добиени преку телефонска анкета во периодот од 17 до 24 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници.