За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, шестиот пакет мерки на Заев и Бесими е задоцнет и мерките се ненаменски предвидени.
„Повторно трошки за стопанството, кој нема да им бидат од помош за излез од оваа криза. Додека бизнис секторот и стопанството во Македонија мака мачат како да ја надминат КОВИД кризата, ни со овој пакет мерки нема бизнис секторот да ги покрие ни дел од загубите. Овој пакет, власта го има скроено со цел минимална санација од штетите кои се предизвикани од пандемијата, а не за обесштетување на фирмите. Најпогодените сектори, текстилната и кожарската индустрија, каде што изминатиот месец илјадници луѓе отидоа на принуден одмор и беа отпуштени од работа, власта со овие мерки за овие сектори, не предвидува поддршка. Исто така нема помош ниту за градежниците, рударската дејност, естрадните уметници, а нема мерки ниту за инвеститорите во индустриските зони, ниту за прехранбената индустрија. Мерките на СДСМ и Заев не го помагаат бизнисот и не отвораат нови работни места, дури не помагаат ни за задржување на актуелните вработени во фирмите“, стои во соопштението на партијата.
Шестиот пакет мерки опфаќа седум мерки со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона-кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, при што ќе се поддржат 10.000 компании кои вработуваат околу 60 илјади граѓани, соопштија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Развојната банка, Кире Наумов, на заедничката прес-конференција, пишува во соопштението од Влада.
-Ставаме на располагање 17,8 милиони евра, таргетирана финансиска поддршка за 12 категории на економски дејности, 17,8 милиони евра со кои ќе се поддржат близу 10.000 компании и околу 60.000 вработени, наши сограѓани. Од самиот почеток на кризата Владата носи сеопфатни мерки на секои три до четири месеци, во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции со цел задржување на ликвидноста на компаниите и на работните места, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, образложувајќи го шестиот пакет.
Тој нагласи дека со пакетот на угостителските објекти ќе им бидат покриени 30 проценти од приходите, но тие ќе добијат и дополнителни 15.200 денари за секој вработен. За оваа намена се предвидени 9,9 милиони евра. Се очекува да бидат опфатени 6.000 угостителски објекти со околу 17 илјади вработени. Со околу 2,5 милиони евра ќе бидат поддржани приватните детски одмаралишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, ивент индустријата, фитнес центрите и фотостудијата. Во оваа категорија, според проценките, спаѓаат околу 1.200 компании на кои ќе им бидат покриени околу 30 проценти од приходите и дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен.