Оние граѓани кои примија прва доза од вакцината „Астра Зенека“, а сакаат да се ревакцинираат со истата вакцина, тоа ќе можат да го сторат исклучиво во соседна Србија, затоа што Министерството за здравство останува на ставот да не се прима ревакцинација од „Астра Зенека“ кај лица помлади од 60 години.
– Доколку граѓаните сметаат и имаат волја да ја примат втората доза на вакцината на „Астра Зенека“ тоа може да го сторат во соседна Србија. Ние не препорачуваме да се прими ревакцина од вакцината „Астра Зенека“ кај сите кои имаат возраст помала од 60 години, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.
Засега, Министерството останува на ставот оваа вакцина да се дава на лица постари од 60 години.
– Ние засега нема да ја даваме вакцината на „Астра Зенека“ кај помлади лица од 60 години затоа што сепак има мала бројка на тромботични ситуации кои се посебно предизвикани кај помлади луѓе и сметаме дека треба да бидеме внимателни. Сеуште нема јасна препорака, иако има некои најави, дали лицата кои се помлади од 60 години, а примиле прва доза од „Астра Зенека“ дека треба да примат друга вакцина. Од препораките што ќе произлезат од националните агенции на некои европски држави или од Европската агенција за лекови, ќе зависат и нашите препораки, рече Филипче.