Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски вели дека со укинување на печатените учебници и воведување на дигитални, ја спроведува најдлабоката социјална поделба и дискриминација во последните години во Република Македонија. Според Здравковски, таа ја вади на површина сета лага наречена „Едно општество за сите“.
„Со оглед на тоа дека и самата Царовска кажува дека 1.300 ученици немаат струја, стотици ученици учат алтернативно, на телевизија и со земање печатени материјали од училиштата, стотици немаат уреди за следење на онлајн настава, таа треба да е сосема свесна дека околу 25.000 ученици остануваат на милост и немилост на судбината и финансиската немоќ на нивните родители, од проста причина што овие ученици се припадници на најранливите категории на граѓани“, вели Здравковски.
„Учебниците наместо МОН, според Царовска, ќе треба да ги печатат училиштата, кои од задолжените општини не можат да обезбедат финансии ниту за најосновните потреби, па оттука учебниците ќе паднат на товар на родителите. На оние истите родители кои немаат струја, немаат интернет, а не пак компјутер за своите деца. Образованието веќе нема да биде бесплатно, а социјалната нееднаквост меѓу учениците ќе се зголемува, со тоа и нерамноправноста и булингот, кој и онака е присутен во нашите училишта. Впрочем, видовте што се случуваше овие денови во Велес. Без печатени учебници се врши нехуман експеримент врз идните генерации на Македонија и во превез на модернизација се спроведува разрушување на и онака кревкото образование“, реагира Здравковски.
Тој потенцира дека без класична печатена книга нема вовед во знаење и љубов кон знаењето, ниту пак ќе имаме успешно образование.