Според официјален Брисел, земјите-членки се согласиле на насоките за примена на технички спецификации неопходни за функционирање на системот на ковид-пасоши, или како што се нарекуваат „зелени дигитални сертификати“ во седиштето на ЕК. Целта е комплетниот систем да профункционира до јуни годинава, пренесува словенечки Finance.si.
Според објавеното на официјалниот портал на ЕУ, „земјите од ЕУ воспоставија заеднички пристап кон појавата на сертификатот за вакцинација, како и развој за следење на контактите и апликации за предупредување“.
„Договорените технички спецификации опфаќаат, меѓу другото, структурата на податоците и механизмите за кодирање, вклучително и QR-кодот, кој ќе осигури дека сите сертификати, и дигитални и хартиени, можат да бидат проверени низ цела ЕУ. Земјите-членки на ЕУ ќе можат да разменуваат информации, како и да ја утврдат автентичноста на сертификатот, преку посебен портал, без потреба за пренесување на личните податоци на носителот на сертификатот“, стои во соопштението на официјален Брисел.
Паралелно со оваа техничка подготовка, во тек е законодавната процедура за воведување на јавни патни исправи во ЕУ. Да потсетиме, Брисел на 17 март годинава објави предлог на регулатива за воведување на зелен дигитален сертификат, по што следуваа преговори во рамките на членките на Унијата. Преговарачката позиција беше поставена на 14 април, откако беа усвоени приговорите на земјите-членки.
Европратениците се очекува да одлучат за мандатот за преговори со земјите-членки на специјална пленарна седница следната недела.