Со инвестиција од 10 милиони евра американската компанија „Кемет Електроникс” го проширува капацитетот на фабриката во ТИРЗ Скопје 1.
„Проширувањето на капацитетите на постоечката фабрика „Кемет Електроникс” во вредност од 10 милиони евра, од кои еден дел ќе бидат вложени во Центар за истражување и развој, говори за довербата на компанијата во земјата, мотивирачката улога и пријателска средина за дополнителен развој на бизнисот и за нови инвестициски циклуси”, изјави премиерот Зоран Заев при посета на компанијата заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
Премиерот Заев истакна дека Владата во последните 4 години во континуитет ја одржува грижата за постоечките инвеститори и работи на привлекување на нови инвестиции од странски компании. Тој додаде дека задоволството е уште поголемо кога се знае дека оваа одлука доаѓа од една од најреномираните светски компании за производство на електронски компоненти со широк спектар на применливост во различни индустрии – од производство на вселенски летала до производи кои се користат во секојдневието.
„Партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјата, како и за поволната бизнис клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите придонесе во овој мандат, односно од септември 2020 година, да бидат потпишани 48 договори за државна помош со компании кои аплицираа по Законот за финансиска поддршка на инвестиции”, рече премиерот Заев