Мешовитата комисија за историски прашања, денес и вчера ја одржа 13. редовна средба. Откако на претходните средби беа дискутирани учебници во Бугарија по историја за 6 одделение, членовите на Комисијата водеа исцрпна дискусија за забелешките на колегите од Р.Б. за македонските учебници по историја за седмо одделение.
Дискусијата во најголем дел се водеше за пристапот и формата на препораките за учебниците. Остануваат големите разлики во пристапот и погледите како да се формулираат препораките за учебниците по историја. Од македонска страна беа предложени неколку идеи како да се надминат точките во учебниците кои имаат потенцијал да ја политизираат историјата и со тоа да поттикнуваат нови или ги одржуваат во живот политичките спорови.
Поради долгата и исцрпна дискусија за учебниците, темата за заедничко чествување на Гоце Делчев не беше воопшто дискутирана.
Во текот на средбата двете страни успеаа да го усогласат записникот од 11. средба, а беше договорена и средба на која ќе се усвои и Вториот годишен извештај, кој е неопходен за да се одржи меѓувладината конференција.
Следната редовна средба на Комисијата ќе се одржи на 10 и 11 јуни.