Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов за проектот „Гранд“ предвиден на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“ смета дека мора да се почитува законот и параметрите од Генералниот урбанистички план и со нив да се усогласат деталните урбанистички планови.
– Законот предвидува како треба да постапи Општина Центар ако се утврди дека има отстапување од ГУП, кој е врвен урбанистички документ во градот. Излезот е само во она што го предвидел градот за изградба на објекти на определено место, односно колку ќе бидат на број и какви по габарит, а сè друго се субјективни мислења кои не е добро да се даваат во ваква „зовриена ситуација“. Охрабрувам да има ред и законитост во постапките, а тоа значи дека ако имаме отстапување на ДУП во однос на позициите што ги има ГУП-от, да се изработи елаборат со кој би се утврдило евентуално надминување на вредностите што ги содржи ГУП и, согласно тоа, ако постојат услови да се изрече суспензија на дел од ДУП-от, истакна Шилегов.
Во врска со овој проект Шилегов е свесен и за сериозно супстандардните услови на 2000 граѓани кои живеат таму, а се во центарот на градот. Тој вели целата позиција треба да се гледа со пристојно внимавање на законските прописи, без да се прави непотрбна атмосфера.