Во Албанија во недела се одржуваат парламентарни избори. Изборната кампања беше обележана со низа скандали и престрелки со огнено оружје. За прв пат, една албанска партија од Косово учествува на изборите во Албанија – Движењето Самоопределување на Албин Курти.
Во Тирана, најголемата изборна единица во Албанија, нема знаци дека утре се гласа за нова власт. Главните партиски актери се согласија дека нема партиски маркетинг во населените места.
Медиумите известуваа за партиски митинзи на дневна основа, а најголемо внимание во јавноста предизвика убиството на едно и ранување на пет лица, во конфронтацијата меѓу симпатизери на социјалисти и демократите.
Кампањата донесе реторика на меѓусебно обвинување на главните играчи – Еди Рама, премиерот во последните два мандати и лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша.
„Тие немаа вистинска идеја за иднината на Албанија, исто како што немаа идеја како да се стави крај на пандемијата. Тие немаа идеја или план како да ја обноват Албанија, особено по неодамнешниот земјотрес што предизвика многу проблеми. Значи, се сé сведува со соочување со вербални аргументи, а не со специфични програми и проекти“, вели Бен Андони, аналитичар цитиран од РТС.
За време на предизборната кампања се појави купување гласови. Во неколку наврати, полицијата им одзема возила на обете ривалски страни со голема сума пари наменети за гласачите. Поднесени се 30 пријави.
Кој има предност во такви околности?
„По убиствата во Елбасан, проблемите во Каваја и начинот на кој г. Мета комуницираше последните денови, луѓето станаа многу сомнителни кон демократите и движењето за интеграција. Според мое мислење, сите овие настани му помогнаа на г-дин Рама и тие можат да му помогнат да добие трет мандат“, рече Бен Андони.
Политичката елита во Албанија не се менува со години. И Албин Курти, победникот на изборите во Косово, исто така учествуваше на изборите. Во Приштина не сметаат дека Курти ќе профитира тука.
„Очигледно, Самоопределување нема да успее во Албанија. Би било успех двајца од тројцата кандидати да добијат места во албанскиот парламент. Шансите за тоа се многу мали“, рече Адриатик Кељменди, аналитичар од Приштина.
И во Тирана сметаат дека Курти овојпат нема шанси, но дека може да помине на следните избори.
Кој и да победи на изборите во Албанија, ќе ги има истите обврски. За време на пандемијата на коронавирус во Албанија, бруто националниот производ падна за 3,3 проценти, но и економијата на земјата претрпе големи штети поради разорниот земјотрес пред две години.
Според официјалните податоци, невработеноста во Албанија се проценува на 15 проценти, но дополнителен проблем е фактот дека дури третина од младите се без работа.
Право на глас на изборите имаат околу 3,6 милиони гласачи, вклучително и голем број иселеници кои ќе изберат 140 пратеници меѓу кандидатите на 12 политички партии.