Авиокомпанијата „Алјаска ерлајнс“ ѝ забрани на сенаторка од Алјаска да користи летови на таа авиокомпанија, бидејќи, како што беше објавено, одбила да ги почитува барањата поврзани со носењето маска.
Портпаролот на авиокомпанијата наведе дека сенаторката Лора Рајнболд од Игл Ривер била известена дека суспензијата стапила на сила веднаш, пренесува агенцијата АП.
Рајнболд за дневниот весник „Енкориџ Дејли њуз“ изјави дека не била информирана за забраната и дека се надева дека ќе биде на летот на таа компанија во блиска иднина.
Таа била снимена минатата недела на меѓународниот аеродром во Џуноу, додека се расправала со стјуардеса, персоналот на аеродромот и компанијата „Алјаска ерлајнс“ за носење маска.
Сенаторката им изјави на новинарите дека се распрашувала за „ослободувањето од носење маска во разговорот со нервозните работници на шалтерот“.