Пакет мерки за помош очекуваат секторите кои се на раб на опстанок поради пандемијата

од Vladimir Zorba
419 прегледи

Четиринаесет месеци туристичко-угостителскиот сектор се бори со предизвици кои ги создава кризата предизвикана од пандемија и недоволната и ненавремената поддршка. Затоа претпријатијата тешко се справуваат и се повеќе се губат работни места и престануваат со работа деловните субјекти поради немање деловна активност. Најголем број од претпријатијата од овие сектори користејќи ја својата способноста и ангажирајќи ги сите расположливи ресурси, досега наоѓаа начин да преживеат, но веќе сите алтернативи се исцрпени. Затоа потенцираме дека без вистинска и континуирана поддршка нема спас за овој сектор. Со протестите пред Министерството за финансии и денеска пред Владата, угостителите од рестораните, кафулињата, ноќните клубови, рестораните за свадби, вработените во туристичките агенции и игротеките, танцовите и балетски студија, туристичките водичи, сметководителите, кои заедно застапуваат околу 40.000 луѓе побараа да се исполнат барањата за поддршка кои се веќе доставени до Владата.

Веруваме дека средствата кои се предвидени во шестиот пакет на економски мерки можат да помогнат и да ги ублажат штетите со кои се соочува туристичко-угостителскиот сектор, ако се имплементираат на соодветен начин. Имајќи во предвид дека постапките и процедурите за нивна имплементација се уште не се познати, бараме пред имплементацијата да се земат во предвид и нашите барања, бидејќи тие произлегуваат од реалните потреби на најпогодените сектори.

Во наредните денови ќе дадеме простор надлежните органи и институции да постапат согласно нашите барања, а по Велигденските празници ќе излеземе со нов план за активностите, доколку нема никакви промени во ставовите.

Туристички агенции подобрување на состојбата во која моментално се наоѓаат гледаат во обезбедување на неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана агенција, ваучерите кои ќе се доделуваат од мерката „Дома си е дома”, задолжително да се користат преку туристичките агенции, кои ќе можат во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам и рокот на ваучерите кои се издадени од туристичките агенции според Одлуката на Влада за нереализираните патувања во 2020 година, да се продолжи до 31.12.2022 година. Од нивните три барања првата е делумно усвоена, при што сеуште не се познати условите и методологијата за распределба да се знае дали мерката ќе има било каков ефект.

Угостителските објекти бараат еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, и кои со месеци немаат никаква помош и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, се додека не се создадат услови за работа. Една мерка е делумно усвоена под поинакви критериуми со процент од процент на приходите од 2019 и 2020 година, но без да се информира јавноста јасно за методологијата и кои се критериумите кои секое претпријатие ќе треба да го исполни за да аплицира, повторно е нејасно дали и какви ефекти ќе има за помош.

Сметководителите испорачаа барање за директна финансиски помош, нов Закон за вршење сметководствени работи и системско пролонгирање на роковите за годишни сметки и даночни пријави. Во комуникација со институциите во деновите додека трае протестот е добиен позитивен одговор за барањето поврзано со Законот за вршење на сметководствени работи како и за системско одложување на роковите за годишни сметки и даночни пријави. Делумно е прифаќањето на барањата а за останатите се очекува одговор од институциите. Неповратна финансиска помош е потребна и за преживување на игротеките, туристичките водичи, танцовите и балетски студија.

Поддршката што до сега доделена, не е доволна со оглед на рестрикциите во стопанството и принудните забрани за работа, затоа сред пандемија треба да се помогне на секој кому тоа му е тоа потребно. Поради неможноста за работа, нарушената ликвидност и доспеаните обврски, за многу претпријатија доведено е во прашање нивното опстојувањето, но и егзистенцијата на цели семејства кои работат во овие сектори. Остануваме отворени и достапни за надлежните институции за сите потребно консултации и во таа насока бараме средба со министрите во влада кои ги водат економските ресори, Фатмир Битиќи, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, на која ќе разговараме околу доставените барања и имплементацијата за мерките од последниот пакет.

Слични содржини